(17.05, 2010) По поводот 17 Мај – Денот на конститутивноста на Норвешка во знак на благодарност кон донаторот и финансиерот на проектот Интегрирано двојазично основно училиште , во просториите на училиштето се изведе свечена приредба поддржана со кус говор на директорот на НДЦ-Скопје, Сашко Стојковски и градонашалникот на општина Јегуновце: Тони Коцески.
Честитките, благодарноста и желбите од училиштето на норвешкиот народ ке им ги пренесе г-ѓа Бенте Кнагенхелм претставник на менаџментот на Нансен мрежата од Норвешка која не удостои со своето присуство по повод овој настан.
Се ова ке изгледаше премногу сериозно доколку учениците не ги замешаа своите прсти. На изненадување на сите гости и родители, а со подршка на своите наставнички и тимот на НДЦ-Скопје, ги евалуираа спомените од минатогодишната победа на Норвешка на Евровизија.
Како вистински професионалци Сара Симовска, Анита Алити и Дритон Фејзули во улога на Елена Ристеска од Македонија, Кејси Тоља од Албанија и Александар Рубек од Норвешка ги претставија своите држави и ги освоија симпатиите, воздишките и долгите аплаузи на присутните.
Настанот го затвори г-ѓа Бенте Кнагенхелм која кратко зборуваше за значењето на овој ден за Норвешка, благодарноста за поканата и уверувањето дека на изборот за песна на Евровизија 2010 год во Осло ке гласа за Македонија со напомена дека оваа Евровизија која се реализира во училиштето е многу побава бидејки е изведувана од деца.
А сега ве оставаме преку слика да бидете и вие дел од одбележувањето на овој ден и оваа наша детска Евровизија.
(05.04, 2010) Трет ден Велигден. Како што е традиција пријателите одат едни кај други на гости и меѓусебно разменуваат црвени велигденски јајца кажувајки си Христос Воскресе – Навистина Воскресе.
Денес и ние наставничките и учениците од ИДОУ "Фридтјоф Нансен" од с. Прељубиште бевме на Велигденска трпеза кај семејството Симоски во с. Прељубиште.
Целта на оваа посета е првооделенците од двете етнички заедници да се запознаат со традиционалните обичаи по повод празникот Велигден.
На влезот во нивниот, дом не пречека домаќинката Лидија Симоска со топло добредојде, а потоа се погрижи секое дете да се смести на богатата велигденската трпеза, подготвена од нејзина рака. На трпезата освен храна имаше велигденски украси, корпа со јајца бојадисани во разни бои. Задоволството кај децата беше големо.
На излегување од домот како што е и обичајот домаќините на секое дете му дадоа по едно црвено велигденско јајце.
Голема благодарност до семејството Симоски кои допринесоа учениците и ние да се чувствуваме пријатно во нивниот дом, и да си ја исполниме целта на нашата посета.
(01.04, 2010) На датум 01.04.2010, ден четврток, денот на шегата, или Априлијадата, сите ученици од I и II одделение, од селото Прељубиште, беа маскирани од дома со различни носија кои беа многу убави.
Откако дојдоа на училиште, заедно организирано тргнавме за на кај училиштето од селото Жилче, каде што се собравме заедно со учениците од тоа училиште, кои истотака беа многу убаво маскирани, па затоа и ние им се придруживме, со тоа што дефилиравме заедно низ улиците од селото, т.е. од училиштето во селото Жилче до стадионот од селото.
Кога пристигнавме во стадионот, сите деца се подредија, и тогаш се одбраа најубаво маскирани ученици. Меѓу најубаво маскирани ученици, на наше задоволство беа и учениците од нашето училиште, и тоа „Снежана и седумте џуџиња“- (Кате-Снежана, и Рилинд, Јулед, Ади, Ветон, Дрилон, Ахмет, Љавдрим-седум џуџиња), и „Скелет“-(Игор).
На крај на децата им подарија по едно мало поклонче како нагрда за победата, и после тоа се вративме на училиште каде што продолживме со воннаставните активности.
(30.03, 2010) Март , месец кога целата природа почнува да се буди.
Денес 30.03.2010 учениците од нашето училиштего одбележаа денот на дрвото. Поради градежните работи кои се одвиваа во училишниот двор со учениците наместо дрвца засадивме саксии со цвеќиња.
Сите ученици знаат дека засаденото дрвце значи живот, но денеска сите се согласија дека и цвеќињата, што денес ќе ги засадат на свој начин ќе ја разубават природата.
Затоа со задоволство првачињата и вторачињата учествуваа возасадувањето на различни видови на цвеќиња.
(15.03, 2010) На ден 15.03.2010 во училиштето не посети претставник од УПС – униформираните полициски службеници од полициската станица во Тетово.
Оваа посета беше организирана во склоп на активностите на Клубот на родители во соработка со учителките од училиштето.
Јовица Мисајловски (родител од ИДОУ „Фридтјоф Нансен“ и претставник од СВР Тетово) ги запозна учениците со улогата на сообраќајниот полицаец, во регулирање на сообраќајот, како правилно и безбедно да се движат по тротоарот и да преминуваат улица.
Децата со голем интерес ја следеа неговата презентација и му поставија голем број на прашања на кои тој со особено задоволство им одговори.
Голема благодарност до полициската станица во Tетово за нивната соработка.
(05.03, 2010) По пример на отворена книга, учениците од ИДОУ„Фридтјоф Нансен“ широко ги отворија своите срца и вратите на училиштето за да им приредат на своите мајки незаборавни мигови преку приредбата „Букет за мама“ по повод 8-ми Март, денот на мајката.
На традиционален начин со насмевка на лицата Симона Мисајловска и Арта Јусуфи им посакаа топло добредојде на двата јазика, за да во училишната трпезарија набрзо го здогледат најубавиот букет на светот.
И во тој букет од цветчиња-дечиња, за секоја мајка најубаво беше нејзиното цветче, нејзиното најмило.
Малите насмеани и разиграни цветчиња им приредија на своите мајки, баби и останати драги тетки прекрасно дружење исполнето со емоции, љубов и среќа. Им покажаа колку убаво знаат да пеат, рецитираат, танцуваат, глумат и сето ова на двата јазика: македонски и албански.
И тогаш сите проблеми останаа некаде длабоко во душата, а испливаа само најубавите чувства кои го исполнија мајчиното срце и измамија по некоја солза радосница, за да на крајот не ги штедат своите дланки и со голем аплауз ги поздрават своите најмили.
По завршувањето на приредбата продолжи дружењето на мајките со своите најмили и нивните наставнички со коментари и пофалби за вложениот труд и прекрасната изведба.
Четириесет и едно мајчино срце и уште толку детски срциња тоа попладне биеја како едно за да испратат порака дека „јазикот не е единственото средство за разбирање меѓу луѓето“.
А за сето ова најубаво сведочат фотографиите.
(26.02, 2010) На ден 26.02.2010 год. во подрачното ИДОУ “Фридтјоф Нансен” во с. Прељубиште се одржа работилница “Букет за мама” по повод меѓународниот празник 8ми Март.
На оваа работилница учествуваа 25 мајки и 4 наставнички од ова училиште.
Целта на работилницата е меѓусебно запознавање на мајките од двете етнички заедници, дружење, соработка во смисла на интеракција родител-родител, наставник-родител, надминување на стереотипите и предрасудите кај мајките и помагање во изработките потребни за сценографијата за претстојната приредба.
Целта на работилницата помина во пријатна работна атмосфера.
(28.12, 2009) По повод доаѓањето на Нова година и завршувањето на првото полугодие од оваа учебна година, на 28.12.2009 во ИДОУ “Фридтјоф Нансен” беше организирана новогодишна приредба.
Новогодишната приредба се состоеше од изведба на рецитали и пеење новогодишни песнички од страна на учениците, а беше збогатена со драмска претстава во која учествуваа Дедо Мраз, самовила и кловн кои придонесоа оваа приредба да биде многу поинтересна за учениците и нивните родители кои присуствуваа на приредбата.
На крајот од приредбата сите ученици добија по едно новогодишно пакетче од Дедо Мраз, а учениците за возврат му подарија по еден топол бакнеж и прегратка.
(01 - 06.12, 2009) Дел од наставниците и родителите на учениците од втората генерација кои учат во интегрираното двојазично училиште во село Прељубиште општина Јегуновце, од 01 до 06 декември 2009 година престојуваа во во студиска посета на Кралството Норвешка.
Целта на посетaта беше родителите и наставниците да се запознаат со образовниот систем на Норвешка, да се разменат искуства како функционираат училиштата, условите во кои работат, квалитетот на наставните програми и вклученоста на малцинските групи во норвешкиот образовен систем.
Групата имаше можност да ги посети основните училиштата “Соре Ал“ во Лилехамер и “Тојен“ во Осло, како и Националниот центар за мултикултурно образование во Осло.
Во училиштето “Соре Ал“ во Лилехамер родителите присуствуваа на еден перформанс приреден од страна на учениците, потоа имаа можност директно да следат дел од реализацијата на наставата, а во продолжение директорката ги запозна родителите со начинот на функционирање на училиштето и со улогата на родителите во ова училиште.
Во основното училиште “Тојен“ во Осло родителите присуствувајќи на дел од наставните часови и од средбата со управата на училиштето се запознаа со најголемото мултиетничко училиште во Норвешка во кое учат ученици од 25 различни етнички заедници. Посетата на ова училиште беше добра прилика да се види како практично се употребуваат двата јазика во наставата – мајчиниот и службениот (Норвешкиот), методите, методологијата и вештините за двојазичност кои ги употребуваат наставниците во работата со учениците.
Дел од наставниците го посетија и Националниот центар за мултикултурно образование во Осло каде што од страна на домаќините беа запознаени со целите на Стратешкиот план како и со начинот и методологијата на операционализацијата на истиот. Тимот на НДЦ Скопје и наставниците ги добија наставните планови и програми кои се применуваат во мултиетничките и двојазични училишта во Норвешка.
Искуството од оваа посета е од големо значење за наставниците, родителите и за идниот развој на проектот “Интегрирано двојазично основно училиште“ што се реализира во општина Јегуновце.
(13.11, 2009) Амбасадорот Ерван Фуере на 13.11.2009 заедно со неговите соработници го посетија првото интегрирано двојазично основно училиште „Фридтјоф Нансен“ во с.Прељубиште, општина Јегуновце.
За време на посетата Амбасадорот Фуере се запозна со учениците, со стафот на училиштето и со претставниците на невладината организација Нансен Дијалог Центар – Скопје која што воедно е и носител на проектот „Интегрирано двојазично основно училиште Фридтјоф Нансен“.
Целта на посетата на Амбасадорот Фуере беше да се информира повеќе со методологијата што се користи за имплементирање на интегрираноста и двојазичноста, имајќи во предвид дека ИДОУ „Фридтјоф Нансен“ е единственото училиште од овој вид во Република Македонија.
Вреди да се истакне дека Неговата Екселенција Ерван Фуере истакна задоволство што го посети нашето училиште и истовремено даде институционална поддршка во име на Мисијата на Европската Унија за ИДОУ „Фридтјоф Нансен“.
![]()