
Интегрираното основно училиште е проект на НВО „Нансен дијалог центар“ од Скопје
ТЕТОВО - Сара е име што го носат две осумгодишни девојчиња, едното Албанка од Шемшово, а второто Македонка од соседното Жилче. Двете се соученички во второ одделение во интегрираното основно училиште во тетовското село Прељубиште.
Постојано се заедно. Ги двои наставата по општообразовните предмети што се изведува на мајчин јазик и - ноќевањето. Негуваат блискост и човечка топлина. Се разбираат на еден од двата јазика, зависно која колку ги знае. Вметнуваат по нешто од својот јазик, но тоа не им пречи да се разберат.
Девојчињата одат на гости една кај другата на верски празници, на Велигден или Бајрам, на Рамазан или Божик. Не ги испуштаат родендените. Тогаш Сара од Шемшово и' посакува „среќен роденден“ на онаа од Жилче која и' возвраќа со „ме фат дитљиндја“.
Вака ги доживуваат деновите не само двете Сари, туку и сите други. Повозрасните 22 ученици веќе се второ одделение. Со по 11 деца на македонски и албански работат две наставнички. Две други ги водат заедно на секциите - уметничка, драмска, еко, етно и програма за образование за мир и толеранција. Иста е и онаа бројка на првачињата, како втора генерација ученици. Тие доаѓаат од Ратае, Жилче, Шемшово, Копанце и Прељубиште.
Интегрираното основно училиште во Прељубиште е проект на НВО „Нансен дијалог центар“ од Скопје како единствена ваква образовна институција не само во Македонија, туку и пошироко. Во училиштето го сретнавме координаторот на проектот Сашо Стојкоски.
„Се определивме за модел кој негува, охрабрува и во себе ги интегрира мултиетничките вредности, двојазичноста, образованието и надградувањето не само на учениците, туку и на родителите и наставниците. Така се градат хармонични односи втемелени во почитување на разликите, градејќи кохезионо мултиетничко семејство. Веруваме во искрената соработка и зближување на луѓето, почитување на семејствата преку нивната различна национална и верска припадност, јазик, култура, верувања и обичаи. Нашите ученици стануваат личности збогатени со вештини и капацитет на знаење со можност за отворена комуникација, дијалог, толеренција, конструктивност при справување со конфликти и надминување на стереотипите и предрасудите“, вели Стојкоски. Визијата на училиштето Стојкоски ја појаснува со „семејство“ на волшебен триаголник што се гради меѓу ученици, родители и наставници.
Училиштето во Прељубиште гради односи и меѓу родителите. Со нив во две групи мајки и татковци работат на совладување на информатиката преку курсеви што се одржуваат на македонски и албански јазик.
„Имаме големо меѓусебно разбирање и успех што го постигнуваме заеднички. Како родители се ангажираме да помогнеме во совладување на наставата, но и во оние активности во кои децата заеднички работат и учат. Помогнавме да го оградиме училиштето, а спроведовме акција за поставување бехатон-плочки во дворот“, вели Меџит Емурли, претседател на Советот на родители.
Училиштето во Прељубиште во наредната учебна година прераснува и во средно. Проектот бил готов, а градежните работи на новиот објект треба наскоро да почнат. Од идната учебна година овде ќе се формира паралелка за средно образование од информативна насока со ученици од сегашните осми одделенија од училиштата во Јегуновце и Шемшово. И пак на паритетна основа Македонци и Албанци.
Училиштето финансиски е поддржано од Кралството Норвешка. Го носи името на нобеловецот за мир од оваа земја, Фридтјоф Нансен. Проектот се реализира во партнерство со Министерството за образование, Бирото за развој на образованието и Општина Јегуновце.
Гојко Ефтоски